Една од најголемите легенди на Вардар Тимур Дибиров, овој месец ќе ја затвори страницата на својата блескава 24-годишна професионална кариера. Последниот натпревар ќе го одигра во дресот на хрватски Загреб, но емоциите сè уште го водат назад кон Скопје, каде ги мина најславните години од својата кариера со тимот на Вардар.
„Се чувствував како НБА ѕвезда во Македонија. Вардар и навивачите ми дадоа многу – таму беше вистинска магија“, изјави Дибиров во интервју по повод најавата за пензионирање.
Рускиот ас признава дека неговата првична намера била да се прости од ракометот токму во дресот на Вардар, клубот со кој освои две титули во Лигата на шампионите и кој, како што вели, му го има освоено срцето. Но, поради суспензијата на македонскиот шампион од европските натпреварувања, одлучил да го продолжи последниот ракометен танц во Загреб.
„Целиот мој живот е поврзан со Лигата на шампионите и не можев да се замислам како ја завршувам кариерата во домашното првенство. Сепак, Вардар е нешто посебно – таму не играв за пари, туку од љубов. Сè уште добивам пораки од скопјани кои сакаат да дојдам и да се простам од нив на паркетот во СЦ ‘Јане Сандански’“, открива Дибиров.
Тој потенцира дека во Македонија ракометот е спорт број еден и дека токму блискоста меѓу клубот и навивачите била клучна за историјата што ја создадоа.
Дибиров во Вардар пристигна во 2013 година и беше дел од златната генерација која двапати го покори европскиот ракометен трон – во 2017 и 2019 година. Иако со години не е дел од тимот, врската со македонската публика останува цврста и жива.
Фото: EHF
Leave a Reply